Педесет и осмото издание на Драмскиот аматерски фестивал (ДАФ) ќе се одржи од 21 до 25 мај во Кочани, при што ќе се одбележи и јубилејот – 45 години фестивалски град.

Управниот одбор на ДАФ ја утврди фестивалската програма и го објави репертоарот за овогодишното издание, на кое и покрај здравствените прокотоли поради пандемијата, публиката ќе има можност да види шест театарски претстави. Исто така, предвидена е промоција на поезијата на роднокраен автор, презентација на љубовна поезија од домашни и странски автори, како и омаж во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески.

– Во чест на актерите аматери и како поттик за нивното работење, трета година по ред ДАФ ќе го отворат професионалните артисти од Театар Комедија од Скопје со сатирата „На отворено“, работена според полскиот драматург Славомир Мрожек. Отворањето на фестивалот, на 21 мај во 20 часот ќе биде на отворен простор, односно на Споменикот на слободата, а слично ќе биде и со останатите тетарски претстави и со придружните активности, кои ќе се одржуваат на северната и западната страна на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Освен за возрасната публика, ќе има претстави и за најмладите, а како гости на Фестивалот ќе бидат децата актери-аматери од популарната ТВ серија „Дајте музика“, истакна Дарко Спасов, директор на ДАФ.

Во рамки на овогодишниот ДАФ, ќе им бидат доделени признанија на членови на Организацискиот одбор на фестивалот од 1977 година, кога тој за прв пат се одржал во Кочани.

Поради општата здравствена криза, и годинава ќе изостане гостувањето на театарски групи од странство, а организаторите упатуваат апел до посетителите да ги почитуваат протколите за дравствена заштита.