На состанокот на привремената влада на Бугарија беше одлучено да бидат разрешени сите регионални гувернери во државата. Ова беше објавено по состанокот на Советот на министри од портпаролот на привремената влада Антон Кутев.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, назначени се нови регионални гувернери. Главната инструкција до нив е да гарантираат фер гласање на претстојните парламентарни избори.

Четири окрузи ќе бидат привремено предводени од заменик гувернери.

Во наредните денови премиерот на Бугарија Стефан Јанев ќе се состане со новите регионални гувернери.

Портпаролот на бугарската влада рече дека шефовите на специјалните служби на Бугарија дошле да се сретнат со премиерот Јанев на Советот на министри, но тој бил зафатен.

„Од самиот почеток, премиерот работи со нивните заменици”, изјави Кутев но не одговори дали бугарскиот премиер веќе одлучил да ги разреши началниците.