Истражителите на словенечкото национално биро за истраги (НБИ) ја посетија медиумската куќа Дневник, објави истоимениот весник, наведувајќи дека предмет на интерес е областа на рекламирање, особено деловниот договор за рекламирање со словенечката новинска агенција СТА .
Истражителите биле заинтересирани за деловните договори на Дневник со СТА – сакале да знаат кој ги потпишува договорите и зошто договорите со деловните партнери се сметаат за доверливи или деловна тајна.
– Полицијата наведе дека ќе побара пристап до релевантната документација, рече главниот уредник на Дневник, Миран Лесјак, а посетата на истражните тела ја оцени како притисок врз медиумите, во овој случај – кон СТА и Дневник.
– Контекстот е јасен – полицијата едноставно работи според упатствата на владата кога станува збор за СТА, додаде тој, јави СТА.
Пред два месеца, словенечката влада му нареди на Министерството за внатрешни работи да провери дали има наводно кршење на законот во работењето на СТА и да постапи соодветно.