Незамисливо е мигрантите и бегалците да се користат како геополитички пиони за да се изврши притисок врз Европската унија во целост. Мора да бидеме многу строги секогаш кога тоа ќе се случи. Се случи минатиот март, на нашата копнена граница со Турција, повторно се случи пред неколку дена во северна Африка, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакс на средбата со извршниот директор на ФРОНТЕКС Фабрис Легери, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер истакна дека бегалските и мигрантските бранови во 2020 година биле намалени за речиси 80 отсто и за 72 проценти од почетокот на годинава, а паралелно упати порака и до Турција да остане посветена на договорот со ЕУ и „поактивно да работи на спречување на нелегални пристигнувања и дополнително да ги намали мигрантските бранови во Егејското море“.
-Знаеме дека имаат можност да го сторат тоа, но исто така знаеме дека на островите имаме околу 1.500 луѓе чии барања за азил се одбиени и кои можат да се вратат во Турција. Би бил многу важен прв чекор во зајакнувањето на нашата соработка кога овие луѓе би ги прифатиле назад во Турција, рече Мицотакис додавајќи дека секогаш се надева на конструктивен дијалог со Турција во мигрантското прашање.
Извршниот директор на ФРОНТЕКС рече дека нелегалната миграција е дел од нивната мисија, односно следење, откривање и спречување, како и враќање на мигрантите.
-Би сакал да ја повторам нашата посветеност да ги поддржиме сите земји-членки, а особено Грција, во однос на враќањата. Кога повторно ќе бидат возможни враќањата од грчките острови кон Турција, подготвени сме да ја поддржиме Грција и да соработуваме со Турција и со сите трети земји инволвирани во процесот на враќање. Ова е дел од нашата мисија и би сакал да повторам дека работиме на тоа, истакна Легери.
На средбата во премиерската палата во Атина присуствуваше и министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, кој рече дека „Европа треба да ја олесни легалната миграција, но истовремено да се бори со мрежите на криумчари“.