Се продлабочува поделеноста во албанската опозициска Демократска партија (ПД), која јавно избувна по поразот на парламентарните избори одржани на 25 април.

Поделеноста кулминира по утврдувањето на кандидатите за нов лидер, што треба да се избира на 13 јуни, откако Претседателството од девет прифати само четири кандидати.

Крилото „Група за ПД”, кое го предводи поранешниот шеф на државата и актуелен претседател на партискиот Национален совет, Бујар Нишани, денеска достави шест барања до Претседателството, меѓу кои и барање во трката за лидер да се вклучи и Ибсен Елези, чија кандидатура овој висок партиски орган ја отфрли.

-Елиминирањето на Ибсен Елези од трката е антистатутарно, антидемократско и го деформира изборниот процес на Демократската партија. Елези е еден од најжестоките опозициски гласови во Албанија и има вистински, континуиран и јавно познат придонес кон ДП. Тој е еден од опозициските гласови кој со години бара длабока реформа во ДП, стои во првото барање на групата.

Исто така, се бара актуелниот лидер Љуљзим Баша, да ги објави финансиските и логистичките извори на својата кампања за лидер, што треба да го сторат и сите кандидати во трката.

Останатите барања се однесуваат на организирањето на изборите по принципот еден член еден глас, како и составот на изборните комисии.

Во трката за нов лидер освен актуелниот, Љуљзим Баша, кој на функцијата е осум години, се и Фатбард Кадили, Едит Хаџи и Агрон Шехај.