Белорускиот амбасадор во Софија Александар Лукашевич беше повикан на итен состанок во бугарското Министерство за надворешни работи, каде од него беше побарано да го објасни чинот без преседан на присилно слетување на цивилниот лет на Рајанер на 23 мај 2021 година во Минск, како и апсењето на опозицискиот активист и новинар Роман Протасевич, соопшти прес-службата на Министерството.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, образложението презентирано од амбасадорот на Белорусија не беше прифатено од бугарската страна како основано и издржано од меѓународно правно гледиште. Беше потенцирана и намерата на бугарската страна да го поддржи барањето за итно и навремено истражување на случајот од страна на ИКАО.

Бугарското Министерство за надворешни работи ги опиша постапките на белоруските власти како апсолутно неприфатливи и ги окарактеризира како „грубо кршење на правилата на меѓународната авијација и флагрантно непочитување на основните права и слободи на патниците”.

Бугарската страна постојано повикуваше на итно ослободување на уапсениот новинар и за внимателна оценка од белоруската страна на негативните последици од овој чин без преседан врз односите на Белорусија со ЕУ.

Амбасадорот Лукашевич беше повикан во Министерството од генералниот директор на билатерални односи Василиј Такев по барање на бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев, кој претходно го опиша инцидентот како „воздушно пиратство”.