По петти јубилеен пат во Кичево ќе се одржи семинар на изворен фолклор, на кој предавачи ќе бидат етно- музиколози, професори по музика и многу други еминентни познавачи на изворниот фолклор од земјава.

Покрај предавачите, тука ќе бидат присутни и членови на повеќе културно-уметнички друштва кои ќе ги совладуваат тајните на нови игри, песни и ора, што ќе ги застапат во репертоарот на своите друштва во идниот период, истакна за МИА претседателот на КУД„ Бисер“ Кичево, Младен Ванчоски, организатор на семинарот.

-Откако ланската година од добро познати причини имавме прекин во одржувањето на семинарот за изворен фолклор, годинава со поддршка на Министерството за култура на Македонија, по петти јубилејен пат ќе го одржиме овој семинар а времето на одржување ќе биде кон крајот на летото. На семинарот предавачи ќе бидат етномузикологот и професор Родна Величкоска, поранешниот директор на„ Танец“ Др.Бошко Тренески и други експерти од оваа област,потстети претседателот на КУД„ Бисер“ Младен Ванчоски.

Тој додаде дека на семинарот ќе земат учество и поголем број членови од повеќе културно уметнички друштва во земјава, кои ќе ги совладуваат тајните на повеќе ора и песни кои досега не се изведувани.

-За да бидат пренесени новите игри и песни кои ќе бидат презентирани на семинарот, на истиот ќе бидат присутни и членови од повеќе културно уметнички друштва во земјава ,кои ќе ги совладуваат тајните на презентираните игри на семинарот и потоа ќе ги пренесуваат во своите културно- уметнички друштва и како такви ќе ги имаат во програмата за идниот период.Искуствата од овој семинар за сите учесници се драгоцени а тоа го потврдија и нашите гости од странство кои претходните години беа дел од овој семинар, додава Ванчоски.