На деветтото издание на традиционалниот филмски фестивал „Watch Out“ во Тетово од вечер до 12 јули ќе се прикажат 25 филмови. Проекциите на филмовите се предвидени на отворено во дворот на Музејот на тетовски крај-Спомен куќа на Јовановци. Доколку се влошат временските услови тогаш филмовите ќе бидат прикажани во две простории на Центарот за балканска соработка „Лоја“.
– Фестивалот се организира после една година пауза поради пандемијата. Лани го заменивме со друг вид настан. Годинава се организира благодарејќи на странските фондации и организации, но најголема поддршка која ја имаме за реализација е од локалните и странските волонтери кои помагаат во процесот на организирање и одржување на фестивалот, изјави Бујар Љума од организаторот Центар за балканска соработка „Лоја“.
Луиз Шифот, волонтерка на фестивалот изјави дека за учество на фестивалот биле пријавени 185 филмови од 33 земји.
– Од нив се избраа 25 кои потоа ги разгледа три члено жири кое ги избра победниците по категории – „Рај“ на Матео Кабеза во категорија документарен филм, „Невидливо чудовиште“ од Хавиер Фесер и Гуилермо Фесер, во категорија на кратки филмови и „Mad in Xpain“ од Коке Риобо, сите победници се од Шпанија, рече Шифот.
Годинава дел од фестивалот ќе биде и презентација на мурал изработен од четири волонтерки на ѕид од Градскиот трговски центар. Промоцијата е од 19 часот.
-Муралот е насловен „Што е дома“ и дава одговор на ова прашање. Нацртавме неколку работи со цел да се обидеме да се чувствуваме како дома, изјави Едмона Деда, една од авторките на муралот.
Првиот филм, што ќе биде прикажан вечер од 20 часот во Музејот е „Логика на тишината“ експериментален филм на шпанскиот автор Давид Бланко.
-Со сите овие сегменти на фестивалот се зголемува културната свест се зближуваат автори и индивидуалци од целиот свет. Ова е голема можноста за фестивал на отворено. За да се организира овој фестивал треба голема подготовка техничка и логистичка, па затоа се и толку ретки во регионот. Вака „Лоја“ придонесува за алтернативната култура и користење на јавен простор за развој на културни цели, изјави Александар Стојановски-Цули, задолжен за техника и логистика на фестивалот.
Во текот на фестивалот ќе се организираат и работилници за филмови.