Со концерт на Дуо кларинети „Ѓоревски – Бакревски“ во Делчево стартуваа културните активности во пресрет на летната сезона. Ристо Ѓоревски еден од членовите на дуото изрази задоволство од приемот на публиката која поради пандемијата беше со ограничен број на посетители.

-Прво сакаме да се заблагодариме на граѓаните кои не посетија, иако протоколите налагаа помал број на публика. Што се однесува до нашиот настап се трудиме да имаме македонска композиција на програмата, Се претставивме со Пелистерско оро од Тале Огненовски во аранжман за два кларинети од Дамир Имери и Пајдушка минијатура од Дарко Илиевски. Се трудиме да имаме шаренолика програма особено за ваков состав кој е редок состав и многу има ретко прилика да се слушне особено на нашата домашна сцена, истакна Ѓоревски.

Концертот го организираше Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“. Како што истакна директорот на установата Методи Толевски концертот е најава за она што ќе следи на полето на културата претстојното лето во Делчево.

– Презадоволен сум од публиката и тоа како протече самиот концерт. Ова е прв концерт со кој го стартуваме претстојното лето. Во јули и август ќе имаме уште четири такви концерти, ни следуваат концертите со Вива Стрингс, составот Брас, Дејан Георгиевски Ѕене и Елена и уште многу други културни настани предвидени за ова лето, додаде Толевски.

Концертот на Дуо кларинети „Ѓоревски – Бакревски“ беше организиран согласно протоколите на Комисијата за заразни болести за организација на настани во затворен простор.