Филмот „Мрзливец“ на црногорскиот режисер Алекса Стефан Радуновиќ беше прогласен за најдобар филм од американското жири во состав Роман Костовски, Џеклин Хедингтон, Партисија Корбет на Фестивалот на Југоисточна Европа, SEE FF 2021, кој оваа година за прв пат се одржа и во Вашингтон.
За најдобар актер беше прогласен Саво Шчепановиќ од истиот филм, а најдобра актерка Марина Аргириду од Кипар.
Наградата за најдобро сценарио (Норберт Кебли) и режија (Атила Шаш) му припаднаа на унгарскиот филм „Неверојатни приказни“, за најдобар документарен филм беше прогласен „Тестамент на едно време“ од БиХ, најдобар краток филм „Посета“ од Црна Гора, во режија на Ѓорѓе Војводиќ, а за најдобар анимиран филм, македонскиот „Ритамот на падот“ од Ѓорѓи Митревски.
Европското жири на фестивалот, за Париз и Берлин, во состав Фроса Пејоска-Бушро, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле, наградите за најдобар филм и најдобра режија му ги додели на унгарскиот филм „Неверојатни приказни“ од Атила Шаш, а додека наградите за најдобар актер и најдобра актерка го понесоа Петар Божовиќ од Србија и Вика Керебеш од Унгарија.
Наградите за најдобро сценарио ги добија: Маринос Картикис „Постар граѓанин“ од Кипар, најдобар краток филм, црногорскиот „Виножито“ од Александар Вујовиќ, а најдобар документарен филм „Дали излегуваш“ од Хрватска. За најдобар анимиран филм беше прогласен македонскиот „Карантин“ од Иван Андреевски.
На Фестивалот на Југоисточна Европа, SEE FF 2021, кој 11 години се одржува во Париз, шест години во Берлин, од оваа година и во Вашингтон, во официјалната конкуренција на играни филмови беа избрани македонските филмови „Ефектот на среќата“ од Борјан Зафировски, и „ТМ“ од Мартин Иванов и Ивица Димитријевиќ.