Во паркот пред Културно-информативниот центар (КИЦ) – Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Светлината на убавината и уметноста” од Мимоза Рајл.
– Идејата на книгата е низ грандиозните уметнички дела, најзначајните естетички правци и идеи, да даде еден духовен вглед во најважните трансисториски прашања кои го мачат човекот, да отиде до најтемната ноќ на човечката душа и таму да ја осветли преку убавината и уметноста, светлина која се наоѓа во нашето највнатрешно јадро и чека да биде запалена како најголемиот украс на универзумот, соопшти КИЦ.
Книгата ќе ја промовираат Јордан Плевнеш, Атанас Вангелов, Гоце Ристовски, и Вангел Божиновски. Во рамки на промоцијата ќе бидат одржани и музичка оперска изведба, драмски перформанс „Каде е љубовта” и музички рецитал.
Авторката Мимоза Рајл дипломирала на Филозофскиот факултет во Скопје, постдипломските студии ги продолжила во областа на современата филозофија на образованието и културата, методологија на науката на европските јазици, каде ги завршува и докторските студии. Таа пишува поеми и објавува поезија во неделни списанија.
Рајл работела како координатор и уредник во Македонска телевизија и координатор на Европски програми, а во моментов е редовен професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности-ЕСРА и директор на Институтот за сценски уметности.