Почнувајќи од 2016, со поддршка за 56 проекти, две изданија на меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки” и пет изданија на фестивалот за документарни филмови „МакеДокс”, Креативна Европа Медиа Деск Македонија, го заокружува првиот циклус од четири години соработка и кофинансирање на македонските филмски проекти, во соработка со Агенцијата за филм.

За време на овој прв период 2016-2020, користејќи ги ресурсите на Креативна Европа Медиа, четири кино сали од Македонија станаа дел од мрежата Europa Cinemas. Во оваа мрежа се вклучени Кино Милениум, Кино Фросина, Кинотека на Македонија и Центар за култура – Битола. Исто така, за време на овој период многу европски филмови беа дистрибуирани до македонскиот гледач и обратно, македонските филмови добија поддршка во дистрибуцијата.

– Она што беше клучно во овој прв циклус на соработка беше воспоставување и споделување на заеднички цели со Агенцијата за филм и запознавањето на филмските работници со суштината на Креативна Европа – Медиа. Медиа организираше работилници, тренинг програми и други видови на презентации и менторство. Македонските филмски работници научија како да ја користат оваа европска поддршка, која што ја користат и сите други европски филмски продукции. Многу европски филмови кои се хитови се продуцираат благодарение на под програмата Креативна Европа МЕДИА, а како илустрација, последниот оскаровец за странски филм „Уште една тура” е пример за таков филмски проект, наведоа од Креативна Европа – Медиа.

Од таму наведоа дека македонскиот филм забележал светски успеси, успеал да стане поим за земја од каде потекнуваат автентични филмски дела, и тоа, како што посочија, нè прави уште посигурни дека во наредниот период кога и поддршката ќе биде поголема, ќе имаме продлабочена соработка и се разбира уште поголем успех со македонската филмска продукција.

Новата програма на Креативна Европа 2021 – 2027 е со зголемен буџет кој изнесува 2.4 милијарди евра.

Во знак на заокружување првиот циклус, а во рамките на Денови на креативна Европа, МЕДИА организира низа на проекции на филмови кои се поддржани од МЕДИА и Агенцијата за филм. Проекциите ќе бидат во Скопје (МКЦ), Центар за култура – Битола, EU House Струмица и EU House Крива Паланка.