Излезе од печат книгата „Тетовски раскази“ од авторот Зоран Стојановски, кој на овој начин пред читателската публика почнува да го претставува своето децениско творештво на проза и поезија преку печатени изданија.

„Тетовски раскази“ е збирка од 60 раскази, поточно пет именувани циклуси со по 12 раскази. Расказите се поделено во категориите Изгубена песна, Институции, Луѓе, Меѓуетничко Тетово и Дијалектно.

–Петте категории на вредности кои се истакнуваат во петте циклуси на книгата Тетовски раскази, се како пет здрави прсти на дланката која може да се затвори во тупаница, за да биде штит против деструктивноста на извртените вредности на денешното време. Таа симболика се надоврзува на турскиот назив на Тетово кој со векови се употребувал, а и денес е второто име на градот, Калканделен или во превод пробиен штит, вели авторот Зоран Стојановски.

Печатено дело ќе има промоција со симболични и креативни настани. Во план на писателот е издавање на наредната збирка раскази „Шарена револуција“. Авторот е роден 1963 година, по професија е психолог.