Рациновите средби, 58. по ред денеска во фоајето на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес започнаа со меѓународната научна конференција „Синтези: Рацин и Конески“.
Конференцијата е во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а е поддржана од Министерството за култура, Општина Велес и театарот „Ј.Х.К. Џинот“. На конференцијата, посветена на двајцата великани на македонската културна историја, со свои излагања учествуваа еминентни имиња од научната мисла за јазикот од земјава и од соседството.
Градоначалникот Аце Коцевски потсети дека има многу мисли што Блаже Конески ги има изречено за Кочо Рацин.
-Јас ќе изрецититам само една дека името на Кочо Рацин е кратенка за сите нас, толку мудра, силна а воедно и кратка мисла и не верувам дека некој има изречено во чест на големината на Кочо Рацин, потенцира Коцевски.
Пред присутните се обрати и Елена Јованова Грујовска, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
-Имам особена чест, по четврти пат да се обратам од тука, од овој театар, од мојот роден град во рамките на возобновената меѓународна конференција што се одржува обновена по иницијатива на градоначалникот Коцевски во рамките на Рациновите средби, потенцира Грујовска.
Потоа следуваше промоцијата на стручна и научна литература создадена помегу две Рацинови средби.
Воедно во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, во Ликовниот салон е отворена патувачката изложба под наслов „Фондот на НУБ – доказ за сестринството на Конески“.
Изложбата во Ликовниот салон е со слободен влез за сите заинтересирани граѓани.
Попладнево во рамки на Рациновите средби ќе биде положено цвеќе на двата споменика на Рацин во Велес и на Спомен костурницата од НОВ каде се положени коските на Рацин заедно со останатите борци од НОВ. Таму ќе бидат засадени и садници во Шумата на Рацин.
Свеченото отворање на годинашните 58. Рацинови средби е закажано вечерва во 19 часот во салата на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, кога ќе се одржи и Беседа за Рацин од проф. д-р Атанас Вангелов и традиционалниот Меѓународен поетски митинг.
Вечерта ќе биде заокружена со вокално инструментален концерт на НУ Ансамблот за народни игри и песни „Танец“.