На платото пред Младинскиот културен центар вечерва ќе биде промовирана книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ од новинарката и колумнистка Весна Дамчевска. Промотор на книгата ќе биде македонскиот книжевен критичар и теоретичар Александар Прокопиев.
Книгата е избор од осумдесетина авторски колумни пишувани во последниве десетина години и објавувани, главно, во рубриката „Наш став“, но и на страниците за култура и прилогот „ЛИК“ во дневниот весник „Нова Македонија“. Преобјавени се хронолошки, од најновите до најстарите, заради подобро разбирање на некои теми што се поврзани со одредени настани и поводи.
– Иако темите опфатени во оваа книга се однесуваат на невеселата сегашност, таа не форсира одреден поглед на светот, но испраќа порака зошто уметноста и културата како документи на една временска епоха треба да се сфатат сериозно. Насловот на книгата Да ти се погоди да живееш во интересни времиња (преземен од еден од вклучените текстови во книгата, а по повод темата на 58. Венециско биенале на уметност) е алузија на познатата англиска фраза, долго време погрешно цитирана како стара кинеска клетва, која се однесува на периодите на несигурност, кризи и превирања, на лажни вести и уништени вредности, на „интересните времиња“ какви што се овие што ги живееме денес, стои во соопштението од издавачката куќа „Антолог“.
Дамчевска во својата нова книга нуди модерно, ретко и паметно четиво што ќе ги заинтересира и заинтригира сите мислечки и сензибилни читатели.
– Парафразирајќи го насловот, на авторката ѝ се погоди да пишува во интересни времиња, но и на современата културна сцена ѝ се погоди да биде протолкувана од ваква авторка, пишува Прокопиев во рецензијата кон книгата.
Весна Дамчевска (родена 1977 година, Скопје) е новинарка, уредничка, авторка. Дипломира на Интердисциплинарните студии по новинарство на Прaвниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 2012 година магистрира на тема „Сликата на жената уметник во биографскиот филм на Интердисциплинарните културолошки студии на Институтот за македонска литература“.
Ова е нејзина втора авторска книга, по објавувањето на научната книга „Од собата до Холивуд“ (2013 г., издавач „Зојдер“).
Во фокусот на нејзиниот авторски интерес се процесите во современата култура, продукциските, консумеристичките, естетичките и политичките аспекти на културата, феминизмот и антифеминизмот, естетиката на рецепцијата, манифестациите и калкулациите со поимите на популарното, убавото/неубавото…
Работела како новинарка во културните редакции на дневните весници „Македонија денес“ и „Време“ и во неделникот „Денес“. Од 2008 година работи во реоформениот прв македонски дневен весник „Нова Македонија“, а од 2010 година до денес ги уредува културната рубрика и прилогот за култура, творештво и идеи „ЛИК“ во истиот весник.
Објавува културолошки текстови и во стручни списанија и зборници, а уредничка и редакторка e на неколку прозни избори, меѓу кои се: Бубамара на зрно калинка – 50 години Конкурс за краток расказ (Скопје, 2010 г.) и Монографијата за 75-годишнината од весникот „Нова Македонија“ (Скопје, 2014 г.), изданија на „НИК Нова принт“.
Книгата „Да ти се погоди да живееш во интересни времиња“ е објавена со финансиска поддршка од Град Скопје.