Ситуацијата во угостителскиот сектор, што го доживеа најголемиот удар за време на пандемијата е алармантна. На компаниите од угостителството и туризмот им недостигаат 50 проценти од потребниот кадар, пред сè келнери, рецепционери, готвачи и помошници готвачи, покажуваат резултатите од интерната анкета која била спроведена од една од коморите, информира Синдикатот на угостителство и туризам.

Од Синдикатот велат дека предупредиле уште на самиот почеток на здравствената криза дека оние работодавци кои не ги почитуваат работниците и ја злоупотребуваат состојбата нема да бидат толерирани.

– Сведоци сме како работодавците од овие сектори бараат работници и се жалат, па им порачуваме на тие газди сами да си работат или да им се извинат на работниците, да ги вратат и платат согласно работното место кое го работат со коефициентите за плата пропишани во Колективниот договор за угостителство и туризам, за да се спаси туристичката сезона, велат од Синдикатот за угостителство и туризам.

Според податоците на СУТКОЗ, од почетокот на кризата некои податоци говорат дека од четири илјади до 20 илјади вработени го напуштиле угостителскиот сектор.

СУТКОЗ ги охрабрува вработените во овие сектори да ги пријават сите прекршувања на работничките права до СУТКОЗ и ССМ, со цел навремена интервенција.


Администратор
21/06/2021 13:55