Невремето со силен ветар и дожд, кое синоќа околу 21:00 часот го зафати струмичкиот регион, предизвика штети на повеќе локации во струмичкиот регион.
Земјоделци од селата Еднокуќево, Банско, Свидовица и Муртино пријавиле штети на пластениците, а дел од нив се целосно откорнати.
– Силниот ветар ги искина најлоните на пластениците, а кај тие што имаа постари фолии некои се целосно откорнати. Почнавме со замена на оштетените пластеници и се надевам дека ќе успееме да ги санираме штетите, кои не се мали, рече Даме Тренчовски, градинар од село Банско.
Според информацијата од Центарот за известување и тревожење во Струмица пријавени се урнати дрвја и електрични столбови на повеќе локации во регионот.
– Имаше паднати дрвја на патот меѓу селата Босилово-Еднокуќево и Струмица-Куклиш, на неколку локации во градот, а урнати столбови за пренос на струја има во селата Дабиле, Баница, Иловица и Куклиш. Штетите ги санираа екипи на ЈПКД „Комуналец" и Територијалната против пожарна единица на Струмица, информираа од Центарот за известување и тревожење.
Според информациите од надлежните нема повредени, ниту пак е предизвикана штета врз возила и објекти.