Во Дебар позната е првата кандидатура за градоначалник за претстојните локални избори, што ќе се одржат во октомври.
Станува збор за актуелниот татко на градот Хекуран Дука, познат доктор – уролог, за што едногласна одлука донесе Претседателството на дебарскиот огранок на ДУИ.
-На состанокот што го одржа претседателството на огранокот на Демократската унија за интеграција во Дебар, за кандидат за градоначалник, до Генералниот совет на ДУИ, едногласно го предложи сегашниот градоначалник на Дебар, доктор Хекуран Дука. Заедно кон победа, стои во објавата на огранокот на Фејсбук.
Веста за МИА ја потврди и Дука.
-Да точно е дека добив едноглaсна поддршка, за што многу сум благодарен. Предлогот треба да се потврди на највисокиот орган на партијата. Доколку граѓаните повторно ми ја дадат довербата ќе продолжам да бидам градоначалник на сите, како што всушност и ги лекувам кога имаат потреба, ќе продолжам со максималната ангажираност и транспарентност за градот, за општината, за младите, за нашите деца и семејства, за една поубава и економски поразвиена општина, рече Дука. За градоначалник беше избран на предвремените локални избори, што се одржаа на 21 април 2019 година, што беа распишани поради смртта на дотогашниот градоначалник Ружди Љата.
Хекуран Дука е роден 1963 година во Дебар, оженет, татко на три деца. Средно образование завршил во родниот град, дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде завршил специјализација по урологија. Вработен е во Општата болница во Дебар од 1994 година.