Со средства во износ од околу 1.6 милиони денари од Бирото за регионален развој на Министерството за локална самоуправа ќе се изврши санација на дотраената и оштетена фасада на Локалната установа Градски музеј Крива Паланка.

Проектот за санација на установата ќе го реализираат ЛУ Градски музеј и Општина Крива Паланка, истиот е насловен „Модерен музеј – европски град“ и е дел од програма за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на регионите и зголемување на регионалната конкурентност.

За оваа намена одобрени се средства во висина од 1.593.000 денари.

-Проектот „Модерен музеј – Европски град“ предвидува санација на фасадата од западната и источната страна на музејот и подобрување на енергетската ефикасност во музејот преку комплетирање на системот за централно греење и користење енергетски ефикасни суровини и обновливи извори на енергија. Со проектните активности ќе се заокружи процесот на реновирање и адаптација, а ќе се подобри и визуелниот впечаток на зградата на музејот како уредена, модерна и напредна установа која се грижи за културното наследство на регионот, лоцирана во европски град – Крива Паланка, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.