Општинското основно училиште „Јоаким Крчоски“ во село Волково во Општина Ѓорче Петров, првпат доби современа спортска сала откога е изградено во 1959 година. Околу 400 ученици од селата Волково, Орман и Кучково добиваат соодветни услови за физичко образование зашто досега спортски активности имаа во приспособена училница.
Салата се простира на површина од 650 квадратни метри и во неа ќе може да се спортува мал фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, пинг-понг, гимнастика итн. Извршен е техники прием и салата комплетно е функционална за користење на учениците и на тамошното население.
На отворањето на училишната спортска сала, премиерот Зоран Заев соопшти дека таа е изградена во рекордно време од само една година, но досега не била пуштена во употреба поради пандемијата. Градежните работи почнале во мај 2019 година. Преку МОН, од државниот буџет во неа се инвестирани 22,8 милиони денари, а Општина Ѓорче Петров учествувала со четири милиони денари и со расчистување и уредување на просторот.
– По 60 години настава во импровизирани услови, оваа Влада ја препозна важноста од потреба за изградба на современ спортски објект и таа потреба ја ставивме во врвните приоритети на буџетирање. За нас како Влада, вложувањето во спортот, особено во спортските објекти во училиштата, е исклучително важен фактор за развој на прогресивно-инклузивно општество кон кое сите стремиме. Спортот овозможува социјална интеракција и влијае позитивно врз градењето на основните етички принципи, особено кај младата популација, истакна Заев.
Премиерот нагласи дека приоритет на Владата е да го зголеми за 30 проценти бројот на млади кои спортуваат и за таа цел, како што рече, во план е изградба на спортски сали во повеќе училишта во кои тие недостигаат.
– Целта ни е да креираме систем во кој спортот ќе напредува, ќе го јакне квалитетот на животот и ќе биде наша гордост. Ѓорче Петров, Воклово и сите околни места се расадник на спортисти, имаме многу репрезентативци во сите спортови на национално ниво, рече Заев.
Градоначалникот на Ѓорче Петров, Александар Наумовски, додаде дека покрај за учениците, со овој проект се подобруваат условите за рекреативците и на спортистите и дека на долг рок тоа придонесува за подигнување на спортскиот дух во Општината и создавање здрави генерации.
Наумовски се осврна и на други инфраструктурни проекти и капитални инвестиции во Општината во изминатите четири години, реализирани самостојно или со поддршка на централната власт.
– Општина Ѓорче Петров во руралниот дел досега инвестираше речиси 7 милиони евра заедно со Владата, инвестиции кои не се паметат долги години и со кои решивме децениски проблеми на граѓаните, истакна Наумовски.
Меѓу другото, тој соопшти дека во Волково е при крај и изградбата на градинка, проект вреден 1,4 милион евра, во соработка со МТСП, а во соработка со МОН се доградува и училиштето „Тихомир Милошевски“ за уште 500 квадратни метри, инвестиција вредна околу 500.000 евра.