Во Делчево во тек пријавувањето за учество на младинскиот камп за социјално претприемништво кој на 3 и 4 јули 2021 ќе се реализира на планината Голак. Активноста е дел од проектот „Бизнис развој за млади преку социјално претприемништво“ кој Регионалниот центар за застапување од Делчево го реализира преку Амбасадата на САД во Скопје.
-Овој викенд, односно на 3 и 4 јули 2021, тоа е сабота и недела ќе се одржи дводневен младински камп за социјално претприемништво на планината Голак. Активноста е комбинација од работен камп и слободни активности во планина и е наменет за млади од 15 до 30 години од целиот регион. Темата на кампот ќе биде социјалното претприемништво кое е мошне актуелно последните неколку години меѓу младите од Европа, а со носење на првиот закон за социјално претприемништво е актуелно и кај нас. Во рамки на работните сесии, добро познат и искусен обучувач од Скопје ќе ги запознае младите со оваа тема, истакна Родне Деолска од Регионалнито центар за застапување.
Во рамки на вториот дел од кампот, како што додаде Деолска, младите ќе имаат можност повеќе да се запознаат со убавините на планината Голак.
-Генерално тоа ни беше и идејата дека младите треба повеќе да го запознаат Голак, бидејки сметаме дека Голак е една од најдобрите локации за да се помине времето во природа. Така младите ќе можат да научат повеќе за планината, патеката за пешачење, патеката на билките и сето она што можат да го прават во природа, додека патуваат. За учество на кампот можат да се пријават најмногу 50 лица, за кои имаме обезбедено вреќи, шатори за спиење, транспорт и сите материјали за реализирање на еден ваков камп. Бидејки има уште неполни пет дена до почетокот на кампот ги охрабрувам заинтересираните да се пријават за учество, додаде Деолска.
Во рамки на овој проект претходно е формиран првиот Младински Хаб во Делчево, преку кој младите развиваат локални иницијативи, кои во рамки на кампот преку работните сесии би ги преточиле во бизнис план, а потоа како што дополни Деолска, истите би се реализирале со поддршка на домашни и странски донатори.