Се интензивира вакцинацијата на регионалниот пункт во Прилеп. Зголемен е бројот на термините од 500 и денеска се пријавени 890 термини за вакцинација. Изутрината се вакцинираа инвалидизираните лица, а почна имунизацијата и на помладата популација.
Доктор Сашо Пуцакоски кој на вакциналниот пункт го следи процесот вели дека покрај ревакцините почнаа да се даваат и дози на Фајзер и на Синовак.
-Денеска почнавме со вакцинација со фајзер, а и на Синовак, а тече ревакцинацијата со Астра зенека, со Синофарм и со Фајзер. Нема никакви проблеми и се надеваме така ќе продолжи, вели доктор Пуцакоски.
Кети Смилеска, директор на прилепската градска болница со општа надлежност нагласува дека евидентно почна да се забрува процесот.
– Денеска почна да се имунизира и помладата популација. Има 890 термини, а капацитетот е и до 1000 вакцинирања дневно. Дури 80 насто од граѓаните над 60 години веќе примиле вакцина. Досега се вакцинирани околу 12 000 граѓани од кои 4000 примиле втора доза и очекуваме тоа да се забрза. Се смета дека уште околу 3 000 прилепчани се вакцинирале на други регионални пунктови. Деновиве преку стопанската комора чекаме да почне вакцинирањето на вработените во фирмите и во институциите, вели Смилеска.
Од Министерството за здравство се очекуваат насоки за теренската имунизација.
– Чекаме како ќе се одвива теренската имунизација во населените места. Ние ќе формираме тимови кои, независно од тимовите на пунктот ќе одат и ќе вршат имунизација во населените места. Имаме доволно персонал за да не забави интензитетот на вакцинацијата, изјави Смилеска.
Денеска треба да замине дома и последниот хоспитализиран пациент во модуларната болница. Потоа модуларната ќе биде времено затворена за да се дезинфицира и персоналот се надева дека нема да биде потребна во догледно време.