На фестивалот на игра и песна „Др. Владимир Полежиноски“, кој на 9 и 10 јули по 13-ти пат ќе се одржи во Кичево, нема да учествуваат неколку културно уметнички друштва, кои од одредени причини го откажаа учеството.

Се работи за КУД „Младост“ Кичево, КУД „Нико Пусоски“ Кичево и друштво гостин од соседна Бугарија, додека домаќинот на фестивалот КУД „Рацин“ ќе настапи со редуциран состав со оркестарот и вокалниот состав, а фолклористите поради долгата пауза нема да се појават пред домашната публика, потврди Јован Митрески раководител на КУД „Рацин“.

-По малку неочекувано на 13-от Меѓународен фестивал на игра и песна „Др. Владимир Полежиноски“, што ќе се одржи на 9 и 10 јули, нема да земат учество повеќе културно уметнички друштва, за кои се сметаше дека ќе бидат дел од програмата. Така своето учество го откажаа КУД „Младост“ Кичево, КУД „Нико Пусоски“ Кичево и едно културно уметничко друштво гостин од соседна Бугарија. Локалните културно уметнички друштва своето отсуство го правдаат со предолгата пауза поради коронавирусот и неможноста редовно да работат, што е причина да не учествуваат на фестивалот и да бидат успешни презентери на македонскиот фолклор, рече Митрески.

Од слични причини, додаде, и нашето друштво домаќин на фестивалот нема да настапи со фолклорниот дел, бидејќи нашите фолклористи имаа подолга пауза и се надвор од тренажниот процес. Дури дел од фолклористите од разни причини не се присутни во градот или се спречени да земат учество на фестивалот.

Од слични причини на фестивалот нема да земе учество ниту КУД „Младост“ Кичево.

-Паузата од 14 месеци што ја направивме поради пандемијата со Ковид-19 за нашите играорци беше ненадоместлив хендикеп да можат да настапат на фестивалот во Кичево. Од тие причини го откажавме учеството на фестивалот за оваа календарска година, со надеж дека до година состојбите ќе се нормализираат и ние добро подготвени успешно ќе се претставиме пред домашната публика, нагласи претседателот на друштвото Зоран Јовески.