Во рамките на програмата „Велешко лето 2021“ што го организира Општина Велес, синоќа во салата „Бели Мугри“ во Велес концерт одржа дуото Ташева – Настовски кој го сочинуваат м-р проф. Светлана Ташева и м-р проф. Илија Настовски од велешкото музичко училиште „Стефан Гајдов“, а со поддршка од Министерството за култура.

На програмата настапија со дела од македонски автори и познати светски класици. Концертот започна со „Мала ноќна музика“ од Моцарт продолжи со „Словенски танци“ од Дворжак, а од Брамс со „Валцери за две пијана“ оп.39. За првпат на музичката сцена во Велес беше изведено делото на композиторот Томислав Зографски „Сонатина за две пијана“ оп. 142 во неговиот роден Велес, а за крај од Бете Илин „Македонска парафраза“ бр.2. Присутната публика беше воодушевена од настапот и ги награди со долг и силен аплауз.

Во разговорот за МИА по концертот, м-р проф. Светлана Ташева изјави дека е задоволна и среќна по успешниот настап со колегата Илија Настовски со кого настапувала повеќепати на разни свечености во градот, но првпат на заеднички целовечерен концерт.

– Ова се најдобри дела од класици, а тука се и дела од македонски автори меѓу кои и нашиот композитор Томислав Зографски роден велешанец, а чие дело за првпат се изведува на велешка музичка сцена. Многу интересна композиција е и задоволство ни беше додека работевме. На почетокот ни беше малку интересна, но после како на неа се развиваше работата ние се поубаво и поубаво ја доживувавме-осознававме на еден начин,појасни проф. м-р Ташева.

На новинарско прашање потсети дека Велес е град со богати музички традиции и има своја публика, но смета дека понекогаш, љубителите на класичната музика од страна на организаторот недоволно се информирани за некои музички настапи и концерти во градот.

– Има интерес кај публиката да слушне вакви концерти и таа доаѓа. Би кажала нешто и за условите во кои настапуваме ние велешките музичари. Велес е град во кој има и млади и повозрасни музичари кои сакаат да настапуваат, но за жал немаат каде да музицираат и настапат за да стекнат искуство. Сметам дека на градот му е потребна концертна сала и еден-два добри концертни клавири, овој клавир на кој настапуваме од марката SEILER e за жал единствениот добар клавир во градот, а на кој може да се има концерт, но тоа не е доволно за град како Велес. Во некои инстуции во градот има уште неколку клавири, но за жал тие не се во добра состојба за музицирање, бидејќи не се во наша надлежност и недоволно се одржуваат, посочи проф. Ташева за овој проблем на велешките музичари.

Панда Зографска Беличанец е сопруга на покојниот композитор Томислав Зографски која во 2006 година ја основа Фондацијата „Томислав Зографски“.

– Изведувањето на ова дело на мојот сопруг премиерно во неговиот роден Велес за мене е многу значајно и јас сум многу среќна. Делото беше одамна напишано, но обновувано последните години од неговиот живот, последното лето во 1999 година пред да почине во 2000 година. Секогаш кога ќе ја слушнам „Сонатина за две пијана“ оп.142 ми е многу драго и уживам, а бидејќи и на Томислав му беше многу драга. Овде на музичката сцена во Велес ми е драго повеќекратно- прво многу ги почитувам пијанистите кои ја изведоа бидејќи ги знам одамна и второ затоа што Велес е роден град на мојот сопруг Томислав, иако тој потоа пораснал во Скопје. Воедно поврзаноста со Велес остана и продолжува до денес и понатаму бидејќи неговиот дедо е последниот македонски зограф-Ѓорѓи Зографски, а тука е црквата „Св. Пантелејмон“ која тој за зографисал, потсети Зографска Беличанец.

Воедно таа најави дека наесен во Националната галерија во Скопје се отвора голема изложба 150 години од раѓањето на Ѓорѓи Зографски – дедото на Томислав Зографски.

Информира дека и во Велес веќе искажала заинтересираност да се претстави оваа изложба и воедно најави дека и веќе како Фондација „Томислав Зографски“ разговараат со велешките музичари и тие со свој настап да се вклучат во одбележувањето на овој голем културен настан.

Таа информира дека делото на нејзиниот сопруг Томислав Зографски „Сонатина за две пијана“ оп.142 претходно, последен ја извел маестро Симон Трпчевски со свој студент во декември лани на Деновите на македонската музика во Скопје.


Администратор
31/07/2021 13:04