Македонската власт конечно призна дека т.н. „отворен Балкан“ ни е единствената опција, за разлика од чекалната пред ЕУ во која очигледно уште многу долго ќе останеме. Ова е став на поранешниот амбасадор на Македонија во Британија, Јован Донев.
-Сега за сега, сите политички партии зборуваат дека Европската унија станува наш единствен приоритет и тоа би требало така и да се гледа во крајна линија, дека тоа е приоритет, дека ова не би требало да биде никаква замена за Европска унија. Меѓутоа, од друга страна, ова може да се сфати и дека ние сме свесни дека и би требало така да се сфати дека во следните 15-20 години и утре да започнат преговори ние не можеме да очекуваме да станеме членка на Европска унија, вели Донев за Алфа.
Според Донев особено проблематично е што овој сојуз би можел да донесе голем број негативности за Македонија, бидејќи чекорите според него се направени без детални анализи.
-Не видов никакви анализи што тоа ќе значи за нашиот пазар на труд, во однос на тоа кога Србија постојано има раст на платите. Дали тоа значи губење на и онака недоволната работна сила квалификувана. Значи она што ќе го добиеме ќе почне да ни бега и во Србија, посебно што за разлика од ЕУ овде културните и јазичните разлики се минимални, додава Донев.