Глумецот Кит Харингтон, можеби најпознат по улогата на Џон Сноу во серијата „Игра на престоли“, долги години се бори со алкохолизмот. Тешко се справувал со славата и имал потешки проблеми со психичкото здравје, како што самиот раскажа за „Сандеј тајмс“.

– Работите што ми се случија по завршувањето на серијата, а и за време на снимањето, беа доста трауматични по природа и вклучуваа многу алкохол… Поминав периоди на вистинска депресија каде што посакав да правам секакви работи, рече актерот.

Понекогаш, тој се сметал себеси за ужасна личност и размислувал да си го одземе животот. Никој не знаел за неговата зависност од алкохол.

Харингтон имал медицински третман во американската сојузна држава Конектикат, за што плаќал 95.000 фунти месечно. Многу од неговите пријатели и семејството, вели тој, биле изненадени кога дознале дека оди на рехабилитација.

Но, глумецот не пие алкохол веќе две и пол години, а најважната лекција што ја научил е дека човекот навистина може да се промени.

– Луѓето обично велат „волкот крзното го менува, но не и наравот”, но вистината е сосем поинаква. Тоа е, всушност, најубавото од сѐ. Тоа е она што ме одржуваше. Можно е да се направат големи и радикални промени во нашиот живот и начинот како минуваме низ тоа, заклучи тој.


Администратор
09/08/2021 16:21