Не е новост дека исхраната богата со зеленчук може да помогне да се намали опасноста од срцеви заболувања, но стручните лица овојпат анализирале над 100 испитувања, при што се покажало дека некои намирници имаат особено силно влијание во намалувањето на повеќе видови срцеви болести и смртноста притоа.

Поточно, научниците ја проучувале врската помеѓу срцевите заболувања и исхраната, односно – црвеното месо, пилешкото, јајца, млечни производи, семиња и житарки. Заклучоците велат дека исхраната со малку месо, а многу зеленчук, е поврзана со помал ризик од смрт од срцеви заболувања.

Зелјестите растенија и доматите можат значително да ја намалат таа опасност. Тоа, зашто доматите, на пример, се богати со антиоксидансот ликопен, за којшто е докажано дека ја подобрува васкуларната функција и штити од болести.

Покрај тоа, замената на путерот, кој е богат со заситени масти, со мононезаситени масти, какви што има маслиновото масло, дополнително го намалува ризикот од срцеви заболувања. Истражувачите, исто така, велат дека е доволно да јадете најмалку две порции зеленчук дневно за да го намалите тој ризик и до 34 отсто. Зелениот зеленчук и доматите се најкорисни во овој поглед.


Администратор
20/08/2021 16:54