Албанскиот премиер Еди Рама ги посети Авганистанците кои по пристигнувањето се сместени во Драч, каде разговараше со нив за тоа како се чувствуваат, а децата ги израдува со играчки.

-Значи, се е во ред овде, со сместување и сè друго. Многу се изнапативте, но конечно, сте тука. Донесовме нешто за децата, рече премиерот, пренесува Топ чанел.

За време на разговорот со Рама, една Авганистанка изразила благодарност до албанската влада, за гостопримство и сместувањето во неговата земја.

Таа рекла дека се чини оти дошле од пеколот во рајот, и додала дека целата оваа ситуација предизвикана од талибанскиот режим не им била воопшто лесна.

-Со голема тешкотија, но успеавме. Сакаме да ви се заблагодариме за гостопримството за Авганистанците воопшто и нашата група посебно. Знам дека не е лесно да се сместат толку многу луѓе во неочекувано време, но вашите колеги направија прекрасна работа овде. Да бидам искрена се изгледа нереално, изгледа како кошмар. Но, реалноста е она што е. Изгледа како да доаѓаш од пеколот во рајот, рекла таа.

Претходно, премиерот Рама објави фотографии од доаѓањето на 121 Авганистанец во Албанија и напиша „добредојдовте во земјата каде што законот на нашите претходници кажува дека домот на Албанецот му припаѓа на Бог и на пријателот”.

Првата група Авганистанци, вкупно 121, денеска наутро, околу три часот, пристигна на аеродромот во Тирана каде беа пречекани од албанската министерка за надворешни работи Олта Џачка и американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким.

Како што претходно најави Рама, Албанија искажала подготвеност да прими над 3 илјади Авганистанци.