Поранешните министри за економија и финансии во бугарската техничка влада – Кирил Петков и Асен Василев, денеска го претставија својот политички проект „Продолжуваме со промената“, јави дописникот на МИА од Софија.

Кирил Петков изрази надеж дека ќе продолжи промената што почна за време на бугарската техничка влада во последните четири месеци. Тој коментираше дека промената има многу специфични и јасни цели: да ја запре корупцијата и кражбата, да ги ослободи малите и средните претпријатија и да привлече инвестиции од висока технологија.

Поранешниот министер за економија Кирил Петков посочи четири критериуми за луѓето кои се приклучуваат на нивната формација: да имаат добра кариера надвор од политиката, да бидат независни луѓе кои можат самостојно да донесуваат правилни одлуки; да не биле во повеќе од една партија; да немаат скандали и што е најважно – секој да потпишува договор за интегритет, што значи нема банкарска тајна, нема скриени пари.

Од своја страна, поранешниот технички министер за финансии, Асен Василев, посочи дека даноците не треба да се менуваат.

Двајцата водачи на новиот политички проект ќе формираат коалиција со уште седум-осум партии за да може да биде вклучено името на новата формација „Продолжуваме со промената“. Тие посочија дека не се претседателска партија, туку дека го поддржуваат Румен Радев за втор претседателски мандат. Резултатите од преговорите со другите партии ќе станат појасни во рок од една недела.

Новата партија го претстави и своето лого.


Администратор
19/09/2021 17:49