Ве познаваме како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија. Присутни сте во македонската јавност подолго време како борец за правата на 24 илјади претпријатија, но малку знаеме за делувањето на Данела Арсовска како претседател на овој сојуз?

Данела: Како претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија делував застапувајќи над 24 илјади мали и средни македонски претпријатија. Тие претставуваат повеќе од 99 проценти од активните македонски компании и се столбот на економијата во земјава, каде се креираат работни места за повеќе од 80% од вработените лица во приватниот сектор. Овие мали претпријатија кои се носители на македонската економија беа некако заборавени во системот. Успеав за една година да ја спроведам програмата која ја зацртавме, а се изборивме и за пакет мерки за овие компании, кои најмногу беа погодени од кризата со ковид, едновремено помагајќи на македонскиот здравствен систем со донации од компаниите. Во меѓувреме успеавме Сојузот да го подигнеме како партнер во разговорите со Владата, поставувајќи нови стандарди во креирањето на политики и мерки, како и во преговорите.

Имате импресивна биографија, а граѓаните многу малку знаат за тоа? Немавте интерес за самопромоција?

Данела: По професија сум правник, по вокација економист. Имам и дополнителна едукација на Универзитетот Оксфорд и Универзитетот Шефилд. Дел сум на Сојузот на стопански комори на Македонија од 2005 година, а го водам од 2014 година. Јас сум и еден од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи и поддржувач на корпоративната општествена одговорност во приватниот сектор. Ангажирана сум како меѓународен експерт и сум дел од економскиот сегмент кој ги креира политиките за интегритет и усогласување на регулатива за лидерите на земјите на Г20, најсилните економии на светот. Како експерт соработувам и сум дел од најрелевантните меѓународни организации на глобално ниво. Во 2018 година станав една од четири жени кои се дел од раководството на Светската федерација на комори како единствен форум кој раководи со над 12 700 стопански комори од целиот свет. Истата таа година добив награда од Светскиот форум на бизнис ангели како Најдобар женски пример во деловниот свет за Југоисточна Европа. Една година подоцна, бев избрана во бордот на Глобалниот комитет на жени лидери, предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела, меѓу интернационално познати имиња како Колинда Грабар Китаровиќ, поранешен претседател на Хрватска, Аменах Гуриб Фахим 6ти претседател на Маурициус, Мари Кристин Огли претседателот на Светската Асоцијација на жени претприемачи. За поддршката на регионално ниво на 6-тиот Самит за претприемачи на Централна и Југоисточна Европа добив признание за придонес во развој на претприемништвото.

Зошто мислите дека ќе бидете добар градоначалник за Скопје?

Данела: Она што му се случува на Скопје во последните години не само што не го прави модерно, туку и го уништува. При проценката на политичките околности, се фокусирам првенствено на фактите, а фактите говорат дека Скопје стагнира и назадува. Верувам дека можеме заедно со скопјани да го направиме нашето Скопје убаво место за живеење, Скопје на кое ќе се радуваме и ќе се гордееме. На градот му недостига квалитетен менаџмент, му недостига компетентно проактивно лидерство. Јас сум граѓанин на Скопје, тука сум цел мој живот, но не можам да пасивно да гледам што се случува, кога знам дека работите можам да ги променам на подобро. Она што лично ми пречи, а и на многу скопјани е нечистотијата во градот, загадувањето посебно во зимскиот период. Инфраструктурата е речиси нефункционална, а проблемот со јавниот превоз сè уште не е решен. Скопје не оддава впечаток дека е модерна метропола. На скопјани им е доста од несериозно раководење, од дефокусирање со квази проекти за градот. Тоа време заврши. Верувам во себе и можам да го придвижам Скопје кон посветла иднина. Успехот на Скопје ќе биде и чекор кон функционална и просперитетна држава.

Многу малку се знае за Данела приватно, кажете ни нешто повеќе за Вас, што е тоа што ве прави среќни?

Данела: Мајка, сопруга, ќерка, сестра и личност со многу пријатели, кои најчесто велат дека сум човек на кој можат да му се обратат и да се потпрат секогаш во животот. Сакам предизвици и секогаш велам дека нема нешто што не може да се направи, само треба да се најде вистинскиот начин. Мојата среќа е кога сум со најблиските, мојот син и мојот сопруг. Како семејство поминуваме многу време заедно, одиме на прошетки низ градот и во градскиот парк, поминуваме време со нашите пријатели.

Дали Скопје е подготвено за жена градоначалник?

Данела: А зошто да не? Изгледите да се стане првата жена градоначалник на Скопје е уште едно поглавје во тековната борба со тоа како да се справиме со предизвиците и прифаќањето на женската компетентност во политичкиот свет. Меѓутоа нештата се менуваат, еве ќе земеме пример од околината, Косово има жена претседател, а Србија жена премиер, две остварени жени со планови и политики кои постигнаа успех. Знам што значи да се биде лидер, јас сум првата жена која застанала на чело на Сојузот на стопански комори и таму покажавме што значи успешно менаџирање повеќе години. Сметам дека сега е вистинско време за промени и во раководството на градот. Ова е пат со многу предизвици, но подготвена сум да се соочам и да ги решам проблемите со кои секојдневно се соочуваме. Како независен кандидат ќе работам во интерес на сите граѓани, ќе работам отворено со сите и во интерес на сите. Постои едно прифаќање дека жената е способна и квалификувана да биде водач, и ќе покажам дека тоа е остварливо!

Пред некое време за првпат проговоривте за вашата битка со ракот, дали тоа ве направи да бидете силни и истрајни?

Данела: Бев многу млада кога се соочив со болеста, но со единствена мисла дека ќе живеам за себе и своето семејство, и уште од тогаш знаев дека нема откажување. Докажано е дека ако имате позитивен пристап тоа помага при справување со стресот, но полесно е да се каже отколку да се направи. Моето семејство ми ја даде најголемата поддршка, моите родители, мојот сопруг беа и сè уште се постојано покрај мене. Сме поминале и добри денови, но и тешки времиња во борба за добро здравје и во борба за живот, а тоа нè прави уште посилни. Јас сум борец. Треба само да запомните колку далеку сте стигнале, и дека во секој од нас има многу повеќе храброст и сила од тоа што мислиме, потребна е само силна верба и истрајност за да се реализира визијата. Јас верувам во себе и верувам во поубава иднина за Скопје и скопјани.

Интервју на кандидатот за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска за opserver.mk