Националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, во соработка со Националната установа центар за култура „Антон Панов“ – Струмица, ја организираат изложбата на слики со наслов „Ретроспективна изложба – „Од депото на Меѓународната Струмичка ликовна колонија“.

Како што соопштија денеска надлежните од кумановскиот центар за култура, изложбата ќе биде отворена во изложбениот салон во четврток, со почеток во 13 часот, а за посетителите ќе важат актуелните здравствени протоколи.

– Имаме одлична соработка со струмичкиот центар за култура и интенцијата е како пропратна манифестација да се реализира ретроспективна изложба на дела од струмичката ликовна колонија во која се опфатени повеќе периоди, повеќе автори од различни генерации, изјави Роберт Цветковски од центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово.

Изложбата содржи 18 дела од богатата колекција на оваа колонија, со автори од повеќе генерации помеѓу кои, Трајче Јанчевски, Борислав Траиковски, Александар Јанкуловски Цане, Љубодраг Маринковиќ Пенкин, Димитар Стојчевски, Ниче Василев, Станко Георгиев.

Меѓународната струмичка ликовна колонија е една од најстарите ликовни колонии во регионот која што функционира од шеесеттите години до денес, во сите ликовни дисциплини сликарство, графика, скулптура, мозаик. Досега, на неа учествувале преку 1.000 уметници од целиот свет а депото содржи преку 2.500 дела слики, скулптури, мозаици.


Администратор
21/09/2021 13:59