Со концерт на еминентни македонски музичари Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска и Марија Вршкова вечерва во Музејот на македонска борба свечено ќе бидат отворени Денови на руски јазик и култура. На концертот ќе се изведат и дела на С.М. Рахманинов, П.И.Чајковски и Д.Д.Шостакович.

Во рамки на Деновите на руски јазик и култура, утре љубителите на руската кинематографија ќе имаат можност во Кинотека на С. Македонија да го погледнат воениот филм на рускиот режисер Андреј Богатирјов „Црвениот призрак“ со превод на македонски јазик.

На 25 септември за сите што ја сакаат руската култура, историја и јазик Рускиот центар организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“. Квизот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а победниците ќе добијат интересни награди со руска симболика.

Како што соопштија организаторите, во Рускиот центар, од 26 до 28 септември, ќе се одржи III Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашно и иднина“. Во конференцијата ќе земат учество околу 60 учесници од 10 земји. Покрај различни научни секции, ќе има посебна секција посветена на 200-та годишнина на големиот руски писател Ф. М. Достоевски.

На 29 септември ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“ на која ќе има можност да се разговара со уредници на познати македонски издавачки куќи. Тие ќе раскажат за местото на руската книжевност во нивните издавачки програми, а исто така за застапеноста на класичната и современата руска литература во македонската издавачка сфера. Трибината ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“.

Исто така, месецот октомври ќе биде посветен на посета на училишта каде се изучува рускиот јазик во Македонија. За учениците ќе се одржат кратки предавање за Русија, руската култура и литература, а на библиотеките на училиштата ќе им бидат подарени книги на руски автори во превод на македонски.

Деновите на руски јазик и култура се на иницијатива на Руски центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Русија во Северна Македонија и компанијата „Лукоил Македонија“, а се финансира од страна на Фондацијата „Руски Мир“.


Администратор
22/09/2021 10:41