Чешката десничарска партија СПД, која може да одигра важна улога при формирањето на новата чешка влада, можно е да побара референдум за излез за земјата од ЕУ, денеска соопшти Томио Окамура, лидерот на партијата позната по своите позиции против ЕУ и НАТО, пренесува порталот „Прага наутро“.

-Еден од основните услови е во манифестот на владата да се вклучи закон за референдум, вклучувајќи ја и можноста за референдум за излез од ЕУ или потенцијално од НАТО, рече Окамура пред новинарите по средбата со претседателот Милош Земан.

СПД со години се залага за напуштање на ЕУ и референдум за ова прашање. Според најновото истражување, 66 отсто од Чесите се за останување во Унијата, додека 28 отсто сметаат дека треба да ја напуштат.

Обидите за одржување референдум досега беа „заглавени“ во парламентот, а потегот на Окамура може повторно да го покрене ова прашање.

Владата на Андреј Бабиш се противи на законот за референдум, што ќе овозможи гласање за бројни прашања, како што е членството во ЕУ, и секој предлог за референдуми треба да има двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот.

Изборите во Чешка треба да се одржат на 8 и 9 октомври и се претпоставува дека Бабиш ќе однесе победа, иако, според предвидувањата, нему ќе му биде потребна помош од партнерски партии за формирање влада.

Двете главни опозициски партии одбиваат да влезат во коалиција со Бабиш, нагласувајќи дека тој има конфликт на интереси како основач на бизнис империја


Администратор
23/09/2021 14:44