Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска изјави дека врските на Турција со САД не се добри и дека Вашингтон мора да ги „поправи“ работите околу тоа што Анкара купила руски одбранбени системи С-400, објави телевизијата Хабертурк.

Врските меѓу НАТО сојузниците паднаа на најниско ниво претходно оваа година, кога Вашингтон воведе санкции против турската воена индустрија поради купување на руски одбранбени системи С-400.

Како што наведуваат западните медиуми, Вашингтон ја исфрли Анкара од својата авионска програма Ф-35, каде што таа беше купувач и производител.

– Не можам да кажам дека се одвива здрав процес во турско-американските односи. Купивме Ф-35, плативме 1,4 милијарди долари, а тие авиони не ни беа предадени. САД мора прво да го решат тоа, истакна Ердоган пред новинарите по учеството на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Турскиот претседател нагласи дека Анкара ќе ги задоволи своите одбранбени потреби на други места доколку Вашингтон не помогне.

– Двете земји треба да соработуваат како пријатели, но моментната ситуација не ветува, изјави Ердоган, додавајќи дека американскиот претседател Џо Бајден „не почнал добро“.


Администратор
23/09/2021 23:58