Бензински пумпи во Велика Британија се затворени денеска поради проблеми со испораката на гориво. На најмалку 100 бензински пумпи во сопственост на БП им недостасува барем еден вид гориво, а неколку се целосно празни.

Проблемот при испораката настана поради недостиг на доволен број возачи на камиони. БП се извини за непријатностите, додавајќи: „Имаме проблеми со полнењето гориво на некои од нашите локации за малопродажба во Велкика Британија, па за жал видовме неколку пумпи што беа привремено затворени поради недостиг на безоловно и дизел гориво“.

Esso соопшти дека неколку од нивните бензински пумпи што работат заедно со супермаркетите на „Теско експрес“ се погодени од недостигот и дека испораките до продавниците се прекинати. Редици за бензин има на бензински пумпи во Лондон и Кент, но владата тврди дека нема недостиг. Иако Даунинг стрит посочува дека нема недостиг, министрите се под притисок да преземат акција за ублажување на акутниот недостиг на работна сила и прекини во синџирот на снабдување предизвикани од Брегзит и пандемијата. Здруженијата на трговци бараат од владата да смисли визна шема за да помогне да се бараат повеќе работници во фармите, фабриките и патниот транспорт.

Кабинетот на премиерот Борис Џонсон соопшти дека има проблеми во неколку индустрии и дека владата тесно соработувала со бизнис лидерите оваа недела за да помогне да се најде решение.


Администратор
25/09/2021 03:38