Ученици и наставници од повеќе средни училишта од Скопје учествуваа на осмото издание на манифестацијата „Средношколски игри“ и пратија пораки за заштита на здравјето и практикување здрав начин на живот, чување на природата и меѓусебна толеранција.
Еднодневните игри, што се одржаа денеска во Градскиот парк под слоганот „Заедно во природа“, ги организираше Здружението на граѓани „Сфера“ од Скопје.
Манифестацијата вклучи различни активности/натпревари во природа (во знаење, уметнички вештини– цртање и фотографирање, креативно пишување, зелени игри…), со цел подигање на свеста на средношколците за потребата и неопходноста од нивни редовен престој на отворен простор заради подобрување и унапредување на нивното психофизичко здравје.
-Натпреварувачкиот карактер придонесува кај младите да се развијат потенцијалите за истражување и учење, тренирање, вежбање, уметнички и естетски развој, а локацијата на која се одвиваат игрите кај младите поттикнува свесност за здрав живот, заштита на животната средина и почест престој во природа, соопшти „Сфера“.
На Средношколските игри 2021 имаше околу сто учесници: ученици – натпреварувачи, наставници и комисии. Сите учесници се придржуваа до протоколите за настани на отворено на Комисијата за заразни болести.