Северна Кореја може да размисли за учество на меѓукорејскиот Самит, доколку тој се одржи со взаемна почит, порача денеска Ким Јо-џонг, влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
– Верувам дека само во услови на правичност и взаемно почитување може да има непречена комуникација меѓу Северот и Југот и дека прашањата, како што се средбите на врвот меѓу Сеул и Пјонгјанг, тогаш би можеле да се решат, истакна Ким во соопштението, објавено од корејската агенција КЦНА.
Нејзината изјава доаѓа само еден ден откако Северна Кореја ги повика САД и Јужна Кореја да се откажат од она што се нарекува непријателска политика и двојни стандарди кон Пјонгјанг, пред формално да започнат разговорите за завршување на Корејската војна 1950-53 година. Конфликтот заврши со примирје, но не со мировен договор, а јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во вторникот во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк го повтори својот повик за формален прекин на војната.