Во Општина Крива Паланка беше презентиран проектот за изградба на 415-мегаватна ветерна електрана, што ќе се гради на потегот Куманово-Старо Нагоричане-Крива Паланка во вредност од околу 500 милиони евра, а ќе го гради германската компанија ВПД во стратешко партнерство со македонската Влада.
Станува збор за проектот „Вирови“, со кој на потегот од Куманово до Крива Паланка ќе се изградат 69 ветерни турбини, со што ќе се овозможи годишно намалување од 310.000 тони јаглероден диоксид.
Претставниците од компанијата на презентацијата во големата сала на општина Крива Паланка истакнаа дека во секоја фаза од реализацијата на проектот, кој е предвидено да се имплементира во период од шест години, ќе биде вклучена јавноста со своите предлози и прашања, со цел да се изгради доверба со локалната заедница, со оглед дека станува збор за долгорочна инвестиција регулирана со Договор за стратешко партнерство меѓу македонската Влада и ВПД на 45 години.
„Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата и со максимална примена и почитување на највисоките еколошки стандарди ќе снабдува 290.000 домаќинства, ќе ја подобри инфраструктурата и ќе ангажира локални работници и добавувачи.
Градоначалникот Борјанчо Мицевски го истакна значењето на обновливите извори на енергија во насока на одржлив развој на заедницата и зачувување на животната средина, а секако и позитивниот социо-економски ефект кој ќе го има инвестицијата за Крива Паланка.