Епидемиолошката состојба со Ковид-19, на подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа се стабилизира, што го потврдуваат и податоците за новозаразени и на хоспитализирани ковид пациенти.
Овој месец коронавирусот е потврден само кај две лица, во списокот на оздравени се внесени 46, а како последица на заразата починати се три лица.
-Многу е намален и бројот на оние на кои им е потребно болничко лекување. Наспроти претходниот и минатиот месец кога имавме и до 40, моментно во нашиот Ковид центар се хоспитализирани само тројца пациенти. Сите се стабилни и само еден од нив по потреба е на кислородна поддршка. Амбулантски се лекуваат, во просек, две до три лица дневно, кои по добиената терапија малку одмораат и заминуваат во своите домови, изјави за МИА директорот на болницата Баки Алили.
Статистиката потврдува дека минатиот месец регистрирани беа 112 новозаразени, 220 оздравени и 11 починати, додека во август кога инциденцата на заразата беше највисока, опасниот вирус беше потврден кај 357, во списокот на оздравени беа внесени 143, додека починаа 16 лица.
Од почетокот на пандемијата вкупниот број заразени на ова подрачје е 1.451, моментно активни на болеста се 22, а починале повеќе од 80 лица. Од почетокот на имунузацијата две дози вакцина примиле околу 8 илјади лица, од кои над 1.200 се вакцинирани во пункови во Скопје и Охрид, додека останатите во болницата во Дебар.