Центарот „Нарконон Балкан" од Конопиште доби признанија за успешната борба против зависности од дрога и алкохол. Од Центарот кој постои 17 години, денеска информираа дека досега, 190 лица, од земјава и странство, ја поминале нивната програма. Најголем дел од нив се спасиле од зависноста.
-Програмата „Нарконон" постои во педесетина земји од целиот свет, па и кај нас во кавадаречкото село Конопиште. Наградите за успешна работа се доделуваат од централата на „Нарконон", на интернационално ниво. Тоа значи дека на европско ниво, по временски квартали се движиме на второ, трето место. Тука се земаат во предвид повеќе статистики, како квалитетот на испорака на програмата, број на луѓе ослободени од дрога во дадениот период, полн капацитет постојано и слично, појасни Александра Димевска-Јокиќ, директор во Центарот.
Таа нагласи дека ова не е натпревар само колку се дадени поени, ова е потврда за спасени животи.
-Морам да истакнам дека лицата кои ја завршуваат успешно нашата програма, а такви се во најголем дел, подоцна постигнуваат многу повеќе и од очекуваното. Тој високопроцентен успех и признанијата кои редовно ги добиваме, говорат дека сме навистина успешни во спасување човечки животи од дрога и алкохол. Јас и мојот тим сме горди што еден мал центар во споредба со останатите други центри низ светот котира на високо место, а со тоа и ја претставуваме нашата земја во оваа област, во најдобро светло, не само во регионот, туку и во целиот свет, децидна беше Димевска-Јокиќ.