Во Кавадарци денеска се одбележува 106-годишнината од смртта на Димитар Пинџуров.
Историчарот Петре Камчевски истакна дека Пинџуров, кој бил подофицер на Првиот македонски полк, загинал на 15 октомври 1915 година кај селото Криволак во виорот на Првата светска војна.
– Тој е роден во село Ваташа во 1884 година во револуционерно семејство. Се образовал во Ваташа, Кавадарци и Солун, каде што завршил Егзархиска машка гимназија. Работи како учител во село Рожден, а во 1904 година заедно со Никола Шишков и Дончо Лазаров се вклучуваат во четата на војводата Добри Даскалов. Во 1906 година преминува во четата на гевгелискиот војвода Аргир Манасиев. По Младотурската револуција се преселил во Гевгелија, каде што е раководител на Народната федеративна партија. Во 1911 година се враќа во Тиквешијата, а во 1913 година е еден од организаторите на Тиквешкото востание и е член на Главниот штаб на востанието. По востанието заминува во Струмица каде што работи како учител, рече Камчевски.
Се оженил со Менка Пинџурова, а на 5 март 1915 година се родил неговиот син Страшо.
– Тој не успеал да го запознае својот татко, бидејќи бил само шест месеци кога Димитар Пинџуров загинал, додаде Камчевски.