Еминентни експерти од областа на готварството и гастрономијата од регионот меѓу кои Стево Карапанџа, Вуко Митровиќ, Томаж Возељ, Жељко Невен Бремец и Ѓорѓе Костиќ ќе бидат гости и демонстратори на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Станува збор за активност во насока на приближување на врвното кулинарство пред студентите и професорите на ФТУ, што се спроведува во соработка со професорите Климент Наумов и Момчило Цониќ и Македонската асоцијација на шефови на кујни „Гастромак".
Од 8:30 часот Жељко Бремец ќе одржи мастер-клас за студентите од насоката гастрономија и некои од главните готвачи од угостителските објекти на Охридската ривиера. Стево Карапанџа ќе одржи мотивациски говор за тоа што значи да се биде успешен готвач и шеф, со посебен акцент на предизвиците со кои угостителството се соочува во денешницата. Томаж Возељ исто така ќе се претстави со свое предавање од областа на модерната кујна.