Околу 34.000 граѓани од штипскиот, но и од останатите општини од источниот регион се вакцинирани против Ковид-19, покажуваат анализите на вакционалниот пункт на Здравствениот дом „Пначе Караѓозов" – Штип.

Координаторот на вакциналниот пункт Дијана Коцева – Миланова за МИА вели дека од оваа бројка околу 30.000 граѓани се од штипскиот регион, додека останатите 4.000 се од други градови на истокот.

-Вакцинацијата се одвива и дневно имаме од 80 до 100 граѓани, од кои околу 50 се за прва доза. Најголем интерес има за „Фајзер", а на вакциналниот пункт веќе ни доаѓаат и здравствените работници за да примаат трета доза. Први ни дојдоа анестезиолозите, потоа вработените од Инфективно одделение, но и останатите лекари и здравствени работници од Клиничка болница-Штип. Со трета доза се вакцинираа и дел од нашите вработени во Итната медицинска помош, на кои терминот им е во текот на овој месец, изјави Коцева-Миланова.

Посочува дека од страна на граѓаните кои се вакцинирале и ревакцинирале во Србија, Бугарија или други држави има интерес да се пријават во системот и веќе ги внесуваат податоците.