Денеска во ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Егри (Општина Битола), Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и партнерите го одбележаа Светскиот ден на храната, под мотото ‘’Нашите акции се нашата иднина. Подобро производство, подобра исхрана, подобра животна средина и подобар живот’’.

Светскиот ден на храната оваа година повикува на глобална солидарност и акција за трансформирање на нашите земјоделско-прехранбени системи, менувајќи го начинот на кој ја произведуваме, трансформираме, консумираме и фрламе храната - од владите, до приватните компании, земјоделците, граѓанските организации, академијата и сите поединци, вклучувајќи ги и најмладите!

Оваа година, ФАО го доближи Светскиот ден на храната до децата од руралните средини, поттикнувајќи ја нивната свест и познавање за значењето на земјоделско-прехранбените системи и како тие можат да бидат нашите херои на храната и да ги направат системите за храна поодржливи, поотпорни, поправедни и поинклузивни.

Во своето обраќање на настанот, Постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, истакна дека ова е втора година како Светскиот ден на храната се одбележува за време на пандемијата со Ковид-19, тежок период што ги наруши земјоделско-прехранбените системи и предизвика невидена глобална економска рецесија, која влијае на егзистенцијата на многумина.

Истовремено, таа истакна дека начинот на кој ја произведуваме, консумираме и, за жал, ја фрламе храната, нанесува огромна штета на нашата планета и притисок врз природните ресурси, животната средина и климата. Три милијарди луѓе не можат да си дозволат здрава исхрана, додека прекумерната тежина и дебелината се во постојан пораст ширум светот. Ваквата неефикасност, посочи Дуџак, не чини трилиони долари, но што е најважно, денешните земјоделско-прехранбени системи откриваат длабоки нееднаквости и неправди на глобално ниво. ‘’Со постојан раст на светското население, кое се очекува да достигне 10 милијарди до 2050 година, треба да го нахраниме светот, негувајќи ја планетата. Затоа ‘’време е да погледнеме во иднината што треба да ја градиме заедно, со градење долгорочна отпорност и промена на начинот на кој ја произведуваме и консумираме храната, почнувајќи од најмладите генерации’’ додаде таа.