Третиот и најголем риболовен натпревар со рекордни награди ќе се одржи на Осломејско езеро во периодот од 11 до 14 ноември.

Во овие четири дена екипите ќе се натпреваруваат цели 72 часа, а веќе тече периодот за пријавување за овој натпревар.

-Во организација на спортско риболовното друштво„ Хантер Фиш" од Кичево, во периодот од 11 до 14 ноември оваа година, ќе се одржи третиот и најголем, според висината на наградите, крапски риболовен натпревар на Осломејско езеро. Само за потсетување наградата за екипата со најмногу улов ќе изнесува 30.000 денари, пехар и медали,18.000 за второ место и 9.000 денари за трето место. Секако ќе следува и убава награда за риболовецот кој ќе го улови најкрупниот примерок на крап, истакна Мире Ночески, портпарол на спортско риболовното друштво „Хантер Фиш" од Кичево.

Тој потсети на правилата под кои ќе се одржи натпревар.

-За учество на претстојниот крапски риболовен натпревар, екипите ќе треба да уплатат котизација од 5.000 денари. Во секоја од екипите учеснички на риболовниот натпревар, ќе можат да ловат најмногу три члена со шест трски и секоја трска со максимална должина до 4 метри. Во истовреме, се забранува употреба на жива мамка, хранилка и фрлање кон друг бокс. За да преминат во друг бокс, натпреварувачите ќе мора да се пријават кај судијата, дека во тој период нема да се во сопствениот бокс и ќе биде забранет дополнителен внес на храна во боксот, додаде портпаролот Ночески.

Тој нагласи дека мерењето на уловениот крап ќе се извршува во периодот од 8 до 18 часот и во текот на секое мерење мора да има присутен натпреварувач од соседниот бокс. Задолжително е носење на када-душек и десет чуварки за риба. Судиите ќе имаат право во секое време да извршат контрола, а за несогласување со нив, следи жолт картон.