Во Младинскиот културен центар (МКЦ) вечер ќе се одигра претставата „Парадоксот на Диоген“, во организација на танцовото здружение „Икс на квадрат“.

Претставата е преработка на истоимената драма на Томе Арсовски. Музиката е на Тодор Скаловски, а кореографија и режија на Јована Зајкова и Бобан Русески. Гласот е на Христијан Поп-Симонов и Марија Талеска.

Танчарите во претставата се Бобан Русески, Јована Зајкова, Дејан Битровски и Анастасија Данчевска од Скопје танцов театар, и Илина Костовска и Јана Трајковска од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј”.

-Диоген шетал по земјата во потрага по човек. Во оваа претстава ние го бараме помеѓу вас. Сета моќ е ваша! Ни требате будни и присутни! Ние не се плашиме да го кажеме она што го мислиме и гледаме и притоа да бидеме искрени и со отворено срце. Нашата сцена ќе биде судницата, а вие ќе бидете нашите судии, соопштија од МКЦ.

Цената на билетите е 200 денaри и се достапни само во рок барот Гарсон. Претставата е поддржана од фестивалот „Цело е кога се има 30“ и „Театар Чин 4 сцена 5“ од Прилеп.


Администратор
25/10/2021 16:23