Кавадарци одбележува сто и три години од раѓањето на Никола Бадев, од Музеј галеријата денеска потсетија на неговата изјава, „Песната е мојот живот, живеам за неа и преку неа“.

– Ова се зборовите на големиот народен уметник, легендата на македонската изворна народна песна-Никола Бадев. Иако од 1976 година физички веќе не е меѓу нас, Никола Бадев живее преку песната, живее во сеќавањата на неговите современици, живее во срцата на сите љубители на македонската народна песна, истакнаа од кавадаречкиот Музеј.

Роден бил на денешен ден 1918 година во село Глишиќ – Кавадарци.

– Место каде што луѓето ги красат питомост, ведрина и надареност за песна и свирка. Во оваа прекрасна средина од сонце и топлина, бавчанџилак, тутун, гроздобер, афион, свадби, ора, серенади, песнопојни родители, стрини, вујковци, песната ја богатела неговата детска душа, зреел и се оформувал уметникот во него, потсетија од Музеј галеријата.

Во 1948 година, веднаш по аудицијата за млади таленти, Бадев дебитирал на програмата на Радио Скопје, со што започнала неговата блескава кариера како уметник и станал една од легендите на интерпретаторите и афирматорите на македонската народна песна.

Репертоарот на Никола Бадев е обемен и разновиден. За музичката продукција на Радио Скопје, односно МРТВ има снимено над 200 песни со најразлични содржини и околу 100 грамофонски плочи за дискографските куќи од поранешна СФРЈ, како и во земјите во кои живеат македонски иселеници.

– Со исклучителен сензибилитет ги испеа македонските најлирски песни, не водеше по сокаци, на чардаци, ни пееше за копнежот на вљубените, оживуваше ликови, војводи и народни херои, продре меѓу народот со својот кадифен глас. Ја обиколи земјата и светот многу пати, беше вистински народен пејач, национално име, ја имаше таа сила да возбуди и расплаче со интерпретацијата на македонските песни, вистински мали химни од мерак, љубов, елегија и носталгија. Никола Бадев е исклучитена личност, интерпретатор кој високо ја крена и ja прослави македонската народна песна и со тоа остави неизбришливи траги во македонското културно наследство. Испеаните песни се молитва и огледало на неговата душа, рекоа од Музеј галерија Кавадарци.

Никола Бадев почина во Скопје на 25 септември 1976 година, на 58 годишна возраст.