Оркестарот на Филхармонија овој петок ќе одржи концерт „Мастерклас со Лајовиц“ на кој како солист ќе настапи македонскиот виолончелист Паскал Краповски. На програмата се дела од Росини, Хајдн и Дворжак.
Концертот ќе го водат млади диригенти кои ќе учествуваат на мастеркласот на словенечкиот маестро Урош Лајовиц. Младите диригенти оваа недела ќе работат со оркестарот на Филхармонија, а најдобрите ќе го водат концертот в петок.
Урош Лајовиц е роден на 4 јули 1944 година во Љубљана. Студирал композиција и диригирање на Музичката академија во Љубљана, каде и дипломирал на двата смера во 1967, односно 1969. година. За исклучителни остварувања во двете области, во 1968 и 1969 година ја добил студентската Прешернова награда. Се усовршал на Високата школа за музика и сценска уметност во Виена каде дипломирал со почести во 1971 година и ја добил Завршната награда (Abgangspreis). Во 1968 и 1969 година, учествувал на Салцбуршката летна академија, каде учел диригирање во класата на проф. Бруно Мадерна. Во 1988 година го основа Камерниот ансамбл Slovenicum, со кој организира самостоен циклус концерти во Љубљана во текот на наредните дванаесет години и настапува ширум Словенија.
Ангажиран е како шеф-диригент на Белградската филхармонија, уметнички советник и постојан гостувачки диригент на Загребската филхармонија, шеф-диригент на Словенечката филхармонија и постојан гостувачки диригент на Софиската филхармонија и Симфонискиот оркестар од Шенжен (Кина). Во 1989 година е поставен за професор по диригирање на Високата школа за музика и сценска уметност во Виена, а во 1991 е унапреден во постојан професор по диригирање. Во неговата класа студирале околу 300 студенти од 58 земји. Од 2011 до 2014 година, работел како редовен професор по диригирање на Музичката академија во Загреб, а во виенската Висока школа за музика и сценска уметност останува до 2012 година. За време на повеќе од четириесетгодишата кариера одржал повеќе од 1400 концерти, диригирал со повеќе од 90 различни симфониски оркестри и ансамбли и соработувал во повеќе од 900 солисти. Неговиот репертоар е составен од симфониски и оперски дела. Учествувал во поставување на 14 опери.
Македонскиот виолинист Краповски својот уметнички израз активно го презентира на концертните подиуми низ Македонија и во странство. Професионалниот ангажман како водач-виолончелист при Македонската филхармонија му овозможува активно да се занимава и со камерното музицирање како член на триото „Парнасус“ и на “Music Progressive Quartet”. Покрај изведувачката дејност, активно се занимава и со педагошка и со истражувачка дејност. Роден е во семејство со долга музичка традиција. Образованието го започнува со Ристо Краповски и со Диме Стојанов во Скопје, по што продолжува со додипломски и постдипломски студии во класата на Анатоли Крстев на Државната академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Во периодот 2018/2019 година, имал академски престој на Универзитетот на Северно Колорадо во САД, како асистент во класата на Гал Фаганел. Посетувал мајсторски курсеви по виолончело кај професорите Минео Хајаши, Анатоли Крстев, Милош Млејник, Албан Герхардт.