Штипските советници од СДСМ стојат на ставот дека свечената изјава, која вчера ја добиле од општинските служби не ја потпишуваат, оти не е валидна, а на која наместо уставното име Република Северна Македонија, стоеше Република Македонија. Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Штип, Маријана Рогожарска-Поповска, за МИА вели дека тие го почитуваат Уставот, а вчера тоа што се случи на седницата треба и некој да ги преземе одговорност.
– Ние ќе испратиме и барање за толкување до Општинската изборна комисија, Државната изборна комисија и до Собранието на Република Северна Македонија. Мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ плус Левица (крајна десница) постапи спротивно на Уставот и Статутот на општината. Истиот оној статут по која ја свикуваат и одржуваат седницата, вели Рогожарска-Поповска.
Деветмината штипски советници од СДСМ ќе чекаат да се корегира свечената изјава, па ќе ја дадат заклетвата на седница на Советот на општина Штип. МИА и вчера објави дека некорегираната изјава во Законот за локална самоуправа, која општинските служби само ја испечатиле, донесе тензии и расправии во Советот на Штип. На изјавата се уште стои Република Македонија, а не новото уставно име Република Северна Македонија.