Неколкумина жители на Неготино денеска реагираа дека не добиле вакцина против сезонски грип иако добиле порака за вакцинација. Од Министерството за здравство велат дека има доволно вакцини. Неготинецот Сашко Тодоров денеска изјави дека бил повикан во Центарот за јавно здравје, но оти не добил вакцина.

– Припаѓам во категоријата на хронично болни лица и иако бев повикан за да бидам вакциниран во Центарот за јавно здравје, вакцина не добив. Неколкумина не можевме ниту приватно да се вакцинираме, изјави Тодоров.

Од надлежното Министерство велат дека нема недостиг на вакцини.

– Дистрибуцијата на вакцини се врши од четвртокот, секој ден. Во ниту еден центар за јавно здравје или здравствен дом нема недостаток на вакцини, велат од Министерството, додавајќи дека доколку некој денес од било која објективна причина не добил вакцина, ќе добие во понеделник.